Претседателот мора да бира и зборови и теми и да ги нагласува или стишува. Тој ја нагласи темата на инвестициите и дезинформациите, а темата за безбедноста ја сведе на нормални рамки. Темата со Бугарија ја сведе на политичка тема иако сме свесни дека тоа е тема од безбедносен аспект. Тој вели да не се брза со решавањето на тој проблем за да се остави време на бугарските власти да се консолидираат, вели во својот коментар Ѓунер Исмаил во Утрински Брифинг во врска со годишното обраќање на претседателот Пендаровски.
Тој додава дека претседателот јасно кажал дека нема потреба да се чекаат шест месеци дека Македонија може да почне преговори со ЕУ, а во меѓувреме да работат тие билатерални комисии кои се планираат освен онаа фамозна историска комисија.
-И двете влади во моментов се вкалапени во резолуциите на парламентите. И тие и ние имаме свои црвени линии. Без разлика на владите, тие црвени линии мора да се следат. Црвените линии се донесени како одговор на хистеричните изјави од едната и од другата страна. Ова е историско бунило кое не може да помине без главоболие, вели Исмаил.