Во рамки на стратешките активности за континуирано материјално-техничко подобрување и инвестиции во инфраструктурните капацитети на македонската полиција, кои ги зацрта актуелното раководство на МВР на чело со министерот Оливер Спасовски, во моментот забрзано се работи на осум полициски објекти, 69 се досега целосно реконструирани, а планот е овој тренд забрзано да продолжи и во следната година, соопштија од ресорното министерството.
Понатаму се додава дека во моментот се работи на осум објекти на полицијата кои треба наскоро да бидат готови, и тоа: ОВР Прилеп, ОВР Радовиш, ОВР Делчево, ОВР Берово, ЕВР Карпош, Одделот за заштита на личности и објекти во Скопје, ЕВР Гази Баба и ОВР Свети Николе.
-Во сите реконструирани објекти од 2017 до денес имплементирани се и мерки за енергетска ефикасност, со нови системи за ладење и греење, промена на прозорци и врати, подови и кровови, нови фасади, со што се создадоа не само квалитетни услови за работа на полициските службеници, туку и трансформација на објектите на енергетски план, која опфаќа зголемено учество на обновливите извори на енергија, поголеми заштеди, намалени емисии на штетни гасови и заштита на животната средина.
Подобрувањето на условите за работа на полициските службеници ќе остане да биде приоритет на ова раководство на МВР и во следниот период, бидејќи инвестирање во подобри услови за работа значи задоволна полиција што на крај резултира со подобрување на квалитетот на нејзината работа и унапредување на севкупната безбедност на сите граѓани, што претставува примарна задача на полицијата. Мотото „Задоволна и опремена полиција – задоволни граѓани“ е реалниот повик за унапредување на условите за работа на полицијата, информираа од МВР.