Поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев потенцира дека најважно е што нема големо поскапување на цената на струјата.
-Успеавме да спречиме драстично поскапување на електричната енергија од над 25% и да го активираме домашното производство за ублажување на ценовниот шок. Цената на електричната енергија на универзалниот снабдувач – ЕВН ХОУМ за домаќинствата и малите потрошувачи, ќе биде покачена за 9,48% во однос на претходниот пресметковен период, како што информираше Регулаторната комисија за енергетика, објави Заев.
Според него, важно е што се задржува ноќната евтина тарифа на струјата, како и таа во недела.
-Солидарност на сите чинители на електро-енергетскиот сектор, редуцирање на трошоците и штедење е од голема важност. Рестрикции на електрична енергија нема да има. Сите домашни капацитети за производство на струја се во функција на успешно соочување со енергетската криза.
Во моментов има доволно обезбедени количини на јаглен за работа на ТЕЦ Осломеј, како и за РЕК Битола за работа со два блока. ТЕЦ Неготино веќе е вклучен со половина капацитет, од јануари ќе работи со полн капацитет, а од јануари ќе биде вклучен и третиот блок на РЕК Битола, напиша Заев на Фејсбук.