Битолчани вознемирени по серијата земјотреси ги напуштија своите домови

од Берта Китинска
223 прегледи

Уште два нови земјотреса беа почуствувани утринава во Битола, по серијата земјотреси со епицентар кај Лерин, во соседна Грција.

Во текот на ноќта, во 2:32 часот, потресот беше со јачина од 3,2 степени.Вториот се случи во 7:28 часот, од истото епицентрално подрачје кај Лерин и со јачина од 3,6 степени според Рихтер.Инаку по силниот земјотрес од синоќа, кој беше регистриран во 22:44 часот со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала, голем дел од граѓаните на Битола ги напуштија своите домови.

-Во овие мигови во Битола се случува евакуација, односно вистински егзодус на населението. Стотици, можеби илјадници возила, во колони се упатуваат кон излезите од градот и бараат безбедно засолниште надвор од него. Цели семејства, заедно со децата, бараат спас во селата, викендиците или кај роднините подалеку од градот. Некои палат логорски огнови и ноќта ќе ја поминат во дружење и со топла ракија, напиша на своот Фејсбук профил пор.Дејан Трајковски.

Идеите за напуштање на градот според него се бескорисни, бидејќи како што тој објаснува, луѓето потикнати од потсвеста, стравот, емоциите и паниката, прават нешто само колку за да се каже дека прават.

-Би требало да знаат барем две работи. Прво, најбезбедното место за време на земјотрес е токму станот, доколку живеат во градби изградени во времето на Југославија, според тогашните строги, асеизмички прописи. Никакво возење со лифт или трчање по скали, бидејќи тие се најранливите места во секој објект. Уште помалку скокање низ прозорец или од балкон, бидејќи така се кршат раце и нозе.Второ, при главниот удар на земјотресот се ослободува главнината на сеизмичката енергија. Сите последователни удари (афтершокови) ослободуваат сé помала и помала енергија, како што тектонските плочи наоѓаат нова положба на минимум потенцијална енергија, а раседот се смирува. Тоа значи дека тоа што бидна – бидна, сега е бесмислено да се бега. Во следните денови ќе има серија афтершокови, коишто ќе можат единствено инструментално да се регистрираат, а само посилните ќе ги почуствуваме самите.Би било добро доколку некој професор од ИЗЗИС излезе на телевизија и ги објасни овие работи, за да се избегне непотребниот метеж и малтретирање на населението, пишува Трајковски.

И министерот за локална самоуправа Горан Милевски на Фејсбук објави неколку фотографии од објекти во Битола.„Силен земјотрес во Битола“, напиша Милевски кај фотографиите.

Фото: Принтскрин

Слични содржини