Промените во Комисијата за заразни болести ќе бидат во насока на проширување и дополнување на нејзиниот состав, со нови, професионални кадри од повеќе области. Во тек се дискусиите, а во таа насока денеска имав состанок со претседателот и секретарот на Комисијата, изјави за МИА министерот за здравство Беким Сали.
– Апсолутно го разбирам интересот на јавноста за натамошните чекори поврзани со составот на ова тело, бидејќи околностите бараат засилено и координирано дејствување врз основа на стручни и реалистични проценки. Во оваа Комисија веќе има доста искусни професионалци во своите области, а натамошните чекори ќе подразбираат надградба, усовршување и професионализација. Целта на овие мерки е секако намалување на бројот на заразени лица, како и воопшто заштита на јавното здравје, во најдобар интерес на граѓаните, додаде министерот Сали.
Доктор Никола Пановски и доктор Драган Даниловски да бидат нови членови на Комисијата за заразни болести, побараа од Либерално демократската партија.
Даниловски преку Фејсбук информираше дека не сака да биде член во КЗБ, додека пак Пановски во изјава за Локално кажа дека би прифатил да биде член доколку се прифатат неговите услови.
-Ако слушнам од медиуми дека сум член без да бидам консултиран, веднаш би одбил. Ако бидам викнат на разговор, имам свои услови, па ако истите бидат прифатени би прифатил и јас. Прв услов, укинување на сертификатите, вели во изјава за „Локално“ др.Никола Пановски.