Поранешната ѕвезда на Реал Мадрид, Манчестер Сити и Милан – Робињо ќе се најде на списокот барани лица од Интерпол. Бразилскиот напаѓач е осуден во Италија на 9 години затвор поради групно силување. Ја загуби последната жалба за злосторството извршено во 2013 година додека го носеше дресот на тимот од Милано.
Италија нема договор за екстрадиција со Бразил, но ќе инсистира Робињо да биде уапсен и казната да ја отслужи во својата татковина. А во случај фудбалерот да се најде во некоја од 195-те земји членки на Интерпол, веднаш може да биде екстрадиран.
37-годишниот Робињо последен пат играше во Истанбул Башакшехир, а во 2020 година потпиша со својот матичен Сантош, но тоа предизвика масовно незадоволство и повлекување на дел од спонзорите на клубот. Една недела подоцна, договорот со напаѓачот беше раскинат и тој рече дека ќе се фокусира на својата судска одбрана.