Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Секцијата на спортски новинари при ЗНМ најостро ја осудуваат одлуката на раководството на ТВ АЛФА да ја укине спортската редакција во оваа национална телевизија. Неоправданото укинување на спортската програма претставува дополнителен притисок кон новинарите и медиумските работници во овој медиум и уште една закана за нивниот работен однос во телевизијата.
Цениме дека укинувањето на спортската програма е импулсивна одлука која не придонесува за подобрување на односите внатре во оваа телевизија и од тие причини истата бараме да се преиспита и да се повлече.
Со оглед на неодамнешните случувања поврзани со незадоволството поради неисплатени плати што беше артикулирано преку синдикатот на ТВ Алфа и синдикалниот претставник кој е дел од редакцијата, имаме сериозни причини да веруваме дека оваа одлука на менаџментот е одмазда кон нашиот колега кој е гласен за проблемите за работничките права во овој медиум.
Според нашите колеги од ТВ Алфа, спортската програма има одлична гледаност и популарност и во споредба со некои други програмски содржини во телевизијата, што дополнително говори дека оваа одлука нема економска логика, туку има за цел да се заплашат новинарите и медиумските работници, а на штета и на публиката. На овој начин наместо да се решава незадоволството што е присутно помеѓу вработените пред се поради повредите на нивните права, менаџментот се одлучува да се пресметува со дел од новинарите преку злоупотреба на својата положба.