Во врска со средбата на претседателот Стево Пендаровски со македонските здруженија од Бугарија и ОМО Илинден, Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека се продолжува со „анационалната политика на Зоран Заев, Ковачевски и Османи“.
„Тоа е само блед обид за допадливост. Ги повика за да ги понижи и за да се додвори на бугарската страна. Со тоа го покажува неговото вистинско лице“, истакна Ковачки.
Пендаровски вчера соопшти дека на средбата е разговарано за работата на здруженијата и активности во областа на човековите права, промовирање на толеранција и градење на граѓанско општество.
„Северна Македонија е насочена кон развивање на добрососедски и пријателски односи со Република Бугарија, во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави од 2017 година“, посочи претседателот.