Пендаровски до бугарското МНР: Средбата со здруженијата не го нарушува Договорот за добрососедство

од Nikola Popovski
285 прегледи

Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски реагираше по денешното соопштение на бугарското МНР, поврзано со вчерашната средба на шефот на државата со членови на македонските здруженија и малцинство во Бугарија.

Ставот на претседателот е дека ниту една негова постапка, ниту досега била, ниту отсега ќе биде во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави од 2017 година, вклучувајќи ја и средбата со здруженија на граѓани од Република Бугарија.

-Претседателот Пендаровски смета дека секоја институција во двете држави треба да даде свој придонес во надминувањето на отворените прашања и во таа насока е посветен за зајакнување на дијалогот и целосна имплементација на договорот за пријателство, добрососедство и соработка, соопштија од Кабинетот на Пендаровски.

Според бугарското МНР, претседателот Пендаровски предизвикува тензии.

-Денови по успешната заедничка средба на владите на двете земји, повторно сме сведоци на зголемување на тензиите во јавноста предизвикани од конкретни постапки на претседателот на Северна Македонија, кој се обидува да ги обнови темите кои се во конфликт со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година. Ваквите дејствија не придонесуваат за изнаоѓање решенија за политички прашања во насока на забрзување на процесот на европска интеграција на Северна Македонија. на меѓусебна доверба. Ги повикуваме одговорните фактори во нашата соседна земја да покажат политичка зрелост и да дадат конструктивен придонес во тековниот процес за враќање на меѓусебната доверба, соопштија од Софија.

Слични содржини