Ако некому смета самата средба на претседател на државата со Македонци кои живеат било каде во светот, тоа не е мој, не е наш проблем, кажа претседателот Стево Пендаровски потенцирјаќи дека нема аргументи за реакција од бугарска страна по неговата средба со здруженија на Македонците од Бугарија и дека во разговорите немало ништо што оди против Договорот од 2017 година.
Тој нагласи дека нема никаква позадина во средбата и оти здружението ОМО „Илинден Пирин“ побарало да се види со него, а тој не ги одбил, како што претходно во изминатите две и пол години откако е на функцијата, како што вели, не одбил ниту здружение, ниту поединец кој сакал да се види со него.
– Притоа, сум примал тука и Бугари граѓани на Република Северна Македонија, политички партии, здруженија на граѓани, поединци и не мислам дека има нешто лошо во тоа. Напротив, морам и ќе продолжам да се среќавам и со тие луѓе. Од друга страна, мојот колега претседателот Радев во повеќе наврати прими граѓани на Северна Македонија со бугарско самочувство кои живеат тука, ги прими во Софија и апсолутно не гледам што е проблемот и во таквите средби, вели претседателот Пендаровски.
Тој појасни дека со Македонците од Бугарија разговарал за проблемите со кои тие се соочуваат во остварувањето на нивните права, но, оти за тоа ги упатил на државата во која живеат и на меѓународните судови.