Посетата на Кирил Петков на северна Македонија беше избрзана. Секоја избрзана акција на бугарската влада и каков било прелиминарен позитивен сигнал може погрешно да се протолкува како некакви отстапки од бугарска страна, изјавил бугарскиот претседател Румен Радев по повод средбата на претседателот Стево Пендаровски со претставниците на ОМО „Илинден Пирин“.
-За жал, постапките и однесувањето на претседателот на Република Северна Македонија не придонесуваат за напредок на толку посакуваниот пат на Северна Македонија кон ЕУ, додаде Радев, пренесуваат бугарските медиуми.
Според него, секое барање за реципроцитет во граѓанските права и внесувањето на бугарското малцинство во македонскиот Устав, како и македонското во бугарскиот, е контрапродуктивно.
-Македонските Бугари се борат за еднаквост, која ќе биде загарантирана во нивниот Устав со регистрирање кај други народи. Тие се борат за нивна целосна интеграција во јавниот живот на државата. Тоа е радикално различно од сепаратистичките ставови и малцинските тврдења што ги исповедаат луѓето со кои се среќава претседателот Пендаровски, додаде тој.
Радев потврдува дека Бугарија е секогаш отворена за дијалог и дека постојано иницира дијалог.
-Кога политичарите од Македонија ги обиколија европските метрополи, ја избегнуваа Софија, но мило ми е што овој дијалог почнува да се одвива. Во контакт сме со претседателот Пендаровски, но ќе бараме погоден момент за средба на високо ниво, но секако зависи и од неговите постапки, објасни бугарскиот шеф на државата.