Кривичниот суд Скопје денеска ја информира јавноста дека двете лица обвинети за трговија со прекурсори биле спроведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје.
-По произнесување на осомничените и Јавниот обвинител во однос на предлогот, судијата донесе решенија со кои го прифати предлогот на ЈО и на осомничениот Н.К. му определи мерка притвор во траење од 30 дена, а на осомничениот М.З. му определи мерка куќен притвор во траење од 30 дена и кај двете лица заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 точка 1,2 и 3 односно Опасност од бегство, Можност да ја попречи истрагата и да влијае на сведоци и Можност да го поvтори делото, соопштија од Кривичниот суд.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Според лабораториските резултати добиени од примерок од пратката, станува збор за супстанца – прекурзор „1 Phenyl – 2 Propanone“ што според член 3 од Законот за прекурзори спаѓа во прва категорија согласно ратификуваните меѓународни договори и меѓународните нормативи и стандарди, истата е на листата за прекузори објавена од Министерството за здравство на која се наоѓаат сите недозволени хемиски материи што се надвор од легитимниот промет. Оваа хемиска материја позната уште и како Phenylacetone и Benzyl Methyl Ketone BMK (P2P) претставува прв прекурзор за добивање на амфетамински тип на стимуланс и се користи за илегално изработување на амфетамин, метамфетамин и МДМА – таблети екстази. Според првични проценки со запленетата количина на прекурсорот би се произвел амфетамин во вредност од над 50 милиони евра.