Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го повика премиерот Ковачевски на обединување за државните интереси како одговор на, како што рече, негаторската политика од источниот сосед и блокадата на европската иднина, премиерот Ковачевски пак ваквиот повик го оцени како неискрен.
– Изјавата сметам дека не е воопшто искрена бидејќи ВМРО-ДПМНЕ единствено што прави е креирање хистерија во однос на разговорите со Република Бугарија. Во однос на единството, единството и застапувањето во нашата држава се прави во законодавниот дом кој претставува дом на сите граѓани кои се застапени со пратеници. Доколку ВМРО-ДПМНЕ мисли дека со еднострани декларации, со кои единствено се попречува процесот на разговори кои се водат во духот на европските вредности, ќе го задржи достоинството на сите граѓани, тие го прават токму спротивното, изјави Ковачевски.
Мицкоски вели дека не е изненаден од ваквата реакција од Ковачевски, но сепак повтори дека подадената рака од ВМРО-ДПМНЕ за обединување околу заштита на националните интереси останува.
– Не очекувам од луѓето кои се слепи следбеници на заевизмот, една политика која е жестоко поразена на изминатите локални избори на два пати да бидат рационални и да се издигнат над ситуацијата и да застанат еднаш во одбрана на македонското национално достоинство и да ги штитат македонските вредности. Јас подадов рака, таа рака се уште е подадена, стојам на располагање, секогаш кога ќе треба да се обезбеди единство, заедништво, консензус, тука сме да зборуваме отворено, изјави Мицкоски во Кавадарци.
За тоа кога ќе се сретне со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, како што најави при преземањето на премиерската функција, Ковачевски вели дека таа средба ќе се случи и јавноста ќе биде навремено информирана.