Македонско-руска стопанска комора: Претстои тежок период пред македонските компании и целата економија поради руско-украинската криза

од Vladimir Zorba
565 прегледи

Руско-украинската криза ќе има влијание врз домашната економија, но колкаво ќе биде тоа зависи од нејзиното времетраење и методите за нејзино решавање, вели во интервју за „Локално“, извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора, м-р Дејан Бешлиев.

Сведоци сме на последиците од руско-украинската криза и на растот на цените на енергенсите и на храната и од таквите трендови земјава, вели тој, тешко ќе може да се спаси.

„Престои тежок период пред македонските компании и воопшто за економијата, која и онака е истоштена од актуелната здравствена криза. Русија и Украина се производители на 27 отсто од пченицата во светот. Русија е и најголемиот извозник на пченица. Може да се претпостави какви ќе бидат последиците на цените и производството на храна без овие количини, вели Бешлиев.

Според него сопирањето на „Северен тек 2“ од страна на Германија, на кус рок нема да предизвика раст на цените и проблеми со снабдувањето со енергенсите, но на долг рок вели, тоа ќе стане огромен проблем за Македонија и за работата на нејзините компании.

„Цената на природниот гас од 2000 евра која е за 12 пати повисока од пред 10 месеци само сигнализира каква економска неволја се движи зад ридот.Затоа земјава треба темелно да се подгови за индиректните последици кои ги генерира руско-украинската криза и реакциите на светот за неа“, дециден е Бешлиев но први на удар според него сепак ќе бидат земјоделските производи.

Доколку земјата се приклучи на санкциите кон Русија што ги најавува меѓународната заедница, од комората апелираат од нив да бидат исклучен извозот на прехрамбени и фармацевтски производи.

Руско-Украинскиот спор отвори низа прашања во јавноста. Дали се оправдани стравувањата дека токму тензиите меѓу Русија и Украина може да имаат силни економски влијанија врз нашата земја?

-Руската Федерација е значаен трговски партнер на земјава. Во минатата година таа беше дваесетиот трговски партнер на Република Северна Македонија. Самото тоа зборува дека руско-укранинската криза ќе има влијание врз домашната економија, а колкаво ќе биде тоа зависи од должината на нејзиното траење и начините и методите за нејзино решавање. Македонските и руските компании веќе подолго време остваруваат трговска размена која се движи околу 200 милиони САД долари. Во изминатите години изостанаа повисоки форми на економска соработка, како што е формирање на мешовити компании, соработка на заедничко производство, поголеми странски директни инвестиции и слично, па ако се земе сето ова предвид тогаш директните штети врз домашната економија не може да ги квалифицираме како „силни“. Но, ако се додадат индиректните штети, тогаш е сосема извесно дека престои тежок период пред македонските компании и воопшто за економијата, која и онака е истоштена од актуелната здравствена криза.

Во колкава мера ќе ја погодат нашата економија санкциите што ги најави западот откако Русија призна две покраини за независни републики?

-Веќе сме сведоци во земјава на последиците од руско-украинската криза, која се претвара во светска криза на која во овој момент не и се гледа крајот. Растат цените на енергенсите, на суровините, на прехрамбените производи и инфлацијата почнува забрзано да расте. Од таквите трендови земјава тешко ќе може да се спаси. Ќе споменам и еден пример. Русија и Украина се производители на 27 отсто од пченицата во светот. Русија е и најголемиот извозник на пченица. Може да се претпостави какви ќе бидат последиците на цените и производството на храна без овие количини.

Дали фактот што Германија го сопре процесот за одобрување на „Северен ток 2“ ќе го зголеми енергетскиот притисок во земјава и ќе доведе до дополнителен раст на цените на енергенсите? Може ли да дојде до криза во снабдувањето со енергенси? 

-На кус рок можеби во земјава нема одеднаш да дојде до висок раст на цените и проблеми со снабдувањето со енергенсите. Поголем дел од набавките се веќе договорени. Но, на подолг рок притисокот од се повисоките цени на енергенсите ќе станат огромен проблем за земјава и работата на нејзините компании. Најавите од руска страна дека Европа ќе мора да плаќа дури 2.000 евра за 1.000 кубни метра природен гас,  што е 12 пати повисока цена од пред десетина месеци, потоа растот на цените на нафтата, електричната енергија и на суровините, само сигнализираат каква економска неволја се движи „позади ридот“. Затоа и земјава треба темелно да се подготви за овие и многу други индиректни последици кои ги генерира руско-украинската криза и реакциите на светот на неа.

На каков начин можат да се одрази овој спор врз трговските релации меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација? Дали може да влијае на трговската размена и во кој обем?

-Трговската размена меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација минатата година застанала на бројката од 233,5 милиони САД долари. Добрата вест е што размената меѓу двете држави бележи пораст од 12,4 отсто и е повисока за 25,7 милиони САД долари отколку во 2020 година (207,7 милиони САД долари). Неповолната вест за земјава е што размената пораснала благодарејќи на зголемениот увоз, што придонел за пораст на трговскиот дефицит на страна на Република Северна Македонија во размената со оваа земја. Македонските компании извезле стока на овој пазар во висина од 57,1 милиони САД долари (во 2020 година  60,3 милиони САД долари), што е пад од 5,4 отсто или вредносно за 3,2 милиони САД долари помалку од преклани. Но напоменуваме, овој пад се должи на минатогодишното мрзнење на главните земјоделски извозни производи: праските, нектарините и кајсиите. Само како илустрација извозот на овие производи е околу 15 милиони долари на годишно ниво. Притоа, увозот пораснал за 19,7 отсто. Од Русија е купена стока за 176,3 милиони САД долари (во 2020 година 147,3 милиони САД долари).

На почетокот од овој месец деловни луѓе од шест македонски винарии беа присутни на Националниот штанд на Република Северна Македонија на Меѓународниот саем за храна, пијалоци и суровини за прехрамбената индустрија „Продекспо 2022“ во Москва. Беа остварени огромен број контакти со руските деловни луѓе, што уште еднаш го потврди интересот за нашите производи на овој пазар. Голем дел од компаниите ги продожија договорите за испорака на вино во Русија и се пред склучување на нови. Лани беа извезени 2 милиони шишиња вино, а за оваа година предвидувањата се за зголемување на количините на извоз од 15-20%, но сега сето тоа е обвиено со неизвесност што е еден од клучните проблеми на бизнисот.

Кој вид трговија најмногу може да страда?

-Република Северна Македонија речиси повеќе од третина од своите пазарните земјоделски вишоци ги пласира на рускиот пазар. Тоа сугерира дека тука може да биде и најголемиот „удар“ за трговската размена на Република Северна Македонија со Русија.

Дали сметате дека Владата уште сега треба да преземе некакви мерки за заштита на бизнисите кои тргуваат со овие земји и какви треба да бидат тие?

-Владата на Република Северна Македонија досега  во рамките на своите можности и приоритети ги подржуваше компаниите од земјава кои сакаат да ги развиваат своите трговски односи со Русија. Од нејзина страна веќе со години финансиски го поддржува настапот на македонски компании на две саемски манифестации во Москва, како и функционирањето на „Македонски дом“. Најголемата помош, сепак, беше што земјава не воведе санкции за извоз на храна во Русија. Сега се најавува приклучување на земјава на санкциите што ги најавува меѓународната заедница. Апелите од бизнисмените што тргуваат со руските компании е од евентуалните санкции да биде исклучен извозот на прехранбени и фармацевстки производи во оваа земја.

К.В.С.

Слични содржини