СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ го руши угледот на МО и Армијата со неодговорно и антидржавничко однесување

од Nikola Popovski
233 прегледи

Преку нецелосни информации ВМРО-ДПМНЕ во очај се обидува да фрли дамка врз работата на Министерството за одбрана и Армијата. Во време на хибридна војна намерното ширење дезинформации со цел да се наруши угледот на Министерството е неодговорно и антидржавничко однесување, велат од владеачката СДСМ како реакција на прес-конференцијата на Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ покажува колку се грижат за припадниците на Армијата, преку тоа што „цела година со илјадници амандмани го блокира Законот за служба во Армијата, а денеска шири невистини“.

Лефков денеска обвини дека „Славјанка Петровска по стапките на Радмила Шекеринска упатува персонал во мисии надвор од Република Македонија без да се почитуваат основните услови“.

„Според наши информации, земјава има случај на сериозен безбедносен пропуст кога е вратен висок офицер на АРМ од мисијата КФОР во Косово. Имено, постојат индиции дека службите имале одредени информации оти офицерот не ги задоволува критериумите, сепак по одредено политичко влијание од поранешни политичари со потекло од истото село од кое потекнува и тој, село Муртино, Струмичко, офицерот без безбедносен сертификат заминал на мисија“, рече Лефков додавајќи дека ова не е првпат да се направи ваков безбедносен пропуст.