Владата да го врати законот за менување на полот, бараат од Мрежата за борба против хомофобија и трансфобија

од Берта Китинска
232 прегледи

Владата ги повлече од Собранието измените на Законот за матична евиденција. Предлогот предизвика бурни реакции во јавноста, а против предлогот на Владата се пратениците и од мнозинството и од опозицијата.

Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија најостро ја осудува одлуката на Владата на Република Северна Македонија за повлекување на Предлогот за изменување и дополнување на Законот за матична евиденција, еден ден пред да биде разгледан на собраниска Комисија за политички систем.

Според мрежата, со ова, нашата држава потфрла да изгради општество за сите.

– Со ова нашата држава најпрво потфрла да изгради општество за сите, на премиса на која всушност и дојде на власт. Второ, потфрла да ја исполни обврската кон Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), која произлегува од пресудата во случајот „Х против Македонија“, донесена во јануари 2019, со која експлицитно ја задолжува државата да овозможи брза и лесна административна постапка за правно признавање на родот врз основа на себеопределување, изјави денеска Лила Милиќ од Иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во РСМ.

Таа истакна дека принципот на самоопределување е загарантиран со меѓународните стандарди со кои е обврзана нашата земја, а Советот на Европа ги поддржува сите земји-членки при остварувањето на ова право, без оглед дали се однесува на себеопределување како национален и етнички идентитет или родов идентитет.

– Барањата на одредени пратенички групи за измени во законот со кои би се предвиделе насилни медицински интервенции врз трансродовите луѓе, како што се дијагностицирање, хормонска терапија, хируршки зафат или стерилизација, како предуслов за пристап до правно признавање на родот е спротивно на Уставот на РСМ, кој го гарантира телесниот интегритет на сите овие граѓани. Дополнително, ваквиот предлог е спротивен на одлуката на Светската здравствена организација и последната ревизија на класификацијата на болести каде трансродовите состојби се повлечени од кластерот за ментални заболувања, сподели Милиќ.

За законот денеска не се расправаше во собраниска Комисија. А од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека во него има нелогичности.

Слични содржини