Денеска учениците од основните училишта ќе присуствуваат без маски, одлучи Владата.
Сепак обврската за носењето маски останува за наставниците и другите вработени, а децата по свој избор и понатаму ќе може да продолжат да носат маска.
Одлуката важи сè до евентуален нов предлог од Комисијата за заразни болести.
„Министерството апелира на доследно почитување на сите останати мерки за справување со пандемијата кои се на сила и на одговорно однесување не само во училиштата, туку и надвор од нив, со цел непречено продолжување на наставата со физичко присуство како опција која е од најдобар интерес за учениците“, велат од МОН.
Владата донесе и одлука да се започне настава со физичко присуство на факултетите.
Освен тоа се укинува и задолжителниот сертификат за вакцинираност за влез на терасите на угостителските објекти, додека за затворените делови останува обврската за задолжително поседување сертификат за вакцинација или за прележаност од ковид-19.
Владата да ја измени одлуката и за максимална исполнетост на капацитетите во затворен простор(кина, театри, филхармонија, семинари, обуки, конференции) од досегашните 50 проценти да се зголеми на 75 отсто со задолжително носење заштитни маски и почитување на останатите протоколи за заштита од ковид-19.
Се укинува и обврската за обезбедување редарски служби во економските оператори.
Од Комисијата велат дека во моментов земјава се наоѓа во зелена зона, но доколку дојде до повторно влошување на епидемиолошката состојба, може да се вратат на сила старите мерки и препораки.
Досега во земјата се направени вкупно 1.957.834 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 305.423, бројот на оздравени пациенти е 294.427, на починати е 9.214, а бројот на активни случаи изнесува 1.782.