Бугарија очекува бројните ветувања на Македонија да почнат да се претвораат во резултати кои ќе ја зајакнат меѓусебната доверба и ќе создадат стабилни предуслови за развој на добрососедските односи, изјавил претседателот Румен Радев, кој денеска на „Дондуков“ 2 се сретнал со еврокомесарот за проширување и соседство Оливер Вархеји, соопштија од прес-службата на бугарскиот шеф на државата.
На средбата учествувала и тамошната потпретседателка Илијана Јотова.
-Само вистински напредок во билатералниот дијалог со Бугарија и исполнувањето на копенхашките критериуми за членство во ЕУ може да го придвижи процесот на европска интеграција на нашиот југозападен сосед, рекол шефот бугарската на државата.
Радев подвлекол дека Бугарија високо го цени придонесот на Европската комисија и на комесарот за проширување и соседство за интензивирање на билатералниот дијалог меѓу Бугарија и РСМ.
-Нашата земја очекува овој дијалог да доведе до конкретни чекори во однос на обезбедувањето уставни гаранции за вистинско почитување на правата на македонските Бугари, прекин на јазикот на омразата кон Бугарија и Бугарите, зачувување на вековното бугарско културно и историско наследство на територијата на РСМ, пред да се даде согласност за почеток на преговори за членство во РСМ во ЕУ.
Новата динамика во односите меѓу Бугарија и РСМ е позитивен знак за двете земји и заедно со развојот на заеднички економски, транспортни и инвестициски проекти треба да се решат отворените прашања во билатералните односи, потенцирал Радев.
Претседателот истакнал дека овие одлуки треба да имаат конкретни индикатори и механизми кои ќе ја имаат предвид подготвеноста на Македонија за почеток на преговорите за членство.
Вархјеи го изразил разбирањето на Европската комисија за важноста на отворените прашања меѓу Бугарија и Македонија и ја потврдил својата подготвеност да продолжи да работи за нивно одржливо решавање. Тој ја истакнал и подготвеноста на македонската влада да постигне резултати во билатералниот дијалог со Бугарија, вклучително и обезбедување уставни гаранции за почитување на правата на македонските Бугари.