Откако започна воената криза во Украина, Европската комисија подготви список со лични, економски и енергетски мерки против Русија поради воениот напад.
Санкции се насочени кон повеќе од 500 физички или правни лица од Русија, чии средства и економски ресурси мора постепено да се замрзнуваат додека европските земји не успеат да ги лоцираат и да ги поврзат со нивните сопственици.
Од Владата на Република Северна Македонија посочуваат дека од 24 февруари донесе е заклучок нашата земја да се придружи кон пакетот санкции на ЕУ, вклучително и сите досегашни од 2014 година поврзани со кршењето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
-Со оваа одлука и со ова придружување, Република Северна Македонија постигнува 100% придружување кон Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ реализирајќи ја максималната стапка на придружување како јасен и конзистентен израз на нашата евро-атлантска надворешно-политичка ориентација и цели на државата.Овие санкции главно се насочени кон високи државни претставници на Руската Федерација, како и кон конкретни фирми од банкарскиот сектор кои немаат свои активности во земјава. Оттаму, на листата не се наоѓаат лица кои имаат бизнис во Северна Македонија, велат од Влада во изјава за „Локално“.
Oд ЈОРМ појаснуваат дека според Законот за меѓународна соработка во кривична материја, Обвинителството може да постапува по замолница на странски надлежен орган и да презема привремени мерки за привремено обезбедување.
-Обвинителството согласно своите надлежности постапува врз основа на одредбите од Законот за јавното обвинителство, Кривичниот законик, Законот за кривична постапка и Законот за меѓународна соработка во кривична материја. Според тоа, замрзнување на трансакциски сметки и имот на барање на обвинителството може да се реализира само доколку постои основано сомнение за сторено кривично дело.Имено, Законот за кривична постапка во членот 200 став 7 и членот 202 став 1 децидно определува во кои околности обвинителството има надлежност да побара замрзнување на парични средства или имот. Од друга страна според Законот за меѓународна соработка во кривична материја, обвинителството може да постапува по замолница на странски надлежен орган и да презема привремени мерки за привремено обезбедување и одземање на предмети, имот или средства кои се во врска со кривично дело, појаснуваат од ЈОРМ за „Локално“.
Од институцијата нагласуваат дека странските надлежен орган ако достави замолница со која ќе го образложи кривичното дело и потребата од преземање на мерки од страна на обвинителството, обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности.
Б.М.