Штрајкот продолжува, СОНК најавува кривични пријави против повеќе директори

од Берта Китинска
245 прегледи

Штрајкот продолжува, првиот човек на Синдикатот на образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, во „Топ тема“ на Телма рече дека подготвуваат кривични пријави против повеќе директори на градинки кои го попречувале штрајкот на членовите на СОНК, кој започна денеска.

-Најавивме кривични пријави на секој оној што ќе се обиде да го попречи организирањето и спроведувањето на штрајкот. Во образованието немавме такви изразени случаи и тоа јавно го кажавме. Но, во градинките имаше. Веќе се подготвува една кривична пријава за директорка на градинка во Битола. Веројатно ќе има и други кривични пријави за директори во градинки. Ние предупредивме и на вчерашната прес конференција дека е сериозен прекршок да се попречува организирање и спроведувње на штрајк, рече Неделков.

Претседателот на СОНК додаде дека успешноста на штрајкот не се мери преку масовноста, туку преку резултатите кои тој ќе ги донесе.

„Ние не сме популистички синдикат, ова што го правиме го правиме во интерес на членството, а од тој аспект сме задоволни, вели Неделков.

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири информира дека досега имале работни групи и три состаноци со СОНК, но дека не се дошло до преговори.

-Го разбирам проблемот, но никогаш на ниту еден состанок ниту член или јас како министер не сме кажале дека просветните не заслужуваат повисоки плати. Ќе треба да ја разгледаме можноста како да го решиме проблемот. Разбирам дека последните месеци имаме економски движења, но кога доаѓа крајот на денот секој гледа колку добива, иако мерките се поздравени. Сите средства досега преземени од Владата може да ги пренасочи во друга насока. Затоа викам дека во овој процес и преговори ќе продолжиме. Мислам дека во текот на деновиве ги разгледуваме сите можности и податоци. Сметам дека ќе треба да земеме во предвид одредени варијабли. Не сме во најдобра економска ситуација. Ќе видиме дали има пари во Буџетот. Сакаме да помогнеме на сите, вели Шаќири во емисијата „Топ тема“.

Министерот додаде дека сите имаат непредвидени трошоци во моментов.

-Мораме да најдеме решение. Времето за штрајк не е соодветно. Првпат имаме штрајк во овој месец поради тоа што доаѓа крајот на учебната година. Поразлично е да се има штрајк на почеток на учебна година, појаснува Шаќири.

Воспитувач во 2017 година земал 19.200 денари, а во февруари 25.642 денари, кажа министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска во „Топ тема“ на Телма

-Да се потсетиме колкави беа платите до 2017 година во градинките. Негувателка земаше 14.493 денари, а во февруари оваа година платата за негувател е 19.560 денари, без минат труд. Воспитувач во 2017 година земал 19.200 денари, а во февруари 25.642 денари“ кажа министерката .Таа додаде дека растот на платите е обезбеден од Владата по потпишувањето на колективниот договор во 2019 година, кога е договорено да има раст на платите и кога Владата ги прифати сите барања на СОНК.

-Ние како министерство одржавме две средби со СОНК, но тие уште пред средбите веќе имаа одлука за генерален штрајк на 11 април. Мислам дека за вакво прашање, две средби се малку, рече Тренчевска.

Министерката додаде дека Владата смета дека социјалниот дијалог треба да продолжи и дека сите владини претставици се подготвени на дијалог додека не се најде соодветно решение.

Слични содржини