Манчестер Јунајтед постигнал првичен договор со Ерик тен Хаг следната сезона да го преземе славниот клуб од Олд Трафорд, пишува „The Athletic“.
Се верува дека се работи за устен договор, и дека двете страни ќе потпишат четиригодишен договор.
Договорот не се очекува да биде потпишан пред финалето на холандскиот куп на 11 април, кога сегашниот клуб на Хаг, Ајакс ќе игра со ПСВ Ајндховен.
Во меѓувреме треба да дојде до договор меѓу Ајакс и Јунајтед. „Црвените ѓаволи“ ќе треба да ги финализираат и деталите од договорот и да ја подготват документацијата за потпис.
Тен Хаг ќе го замени Ралф Рангник на клупата на „црвените ѓаволи“, кој моментално работи како привремен менаџер откако Оле Гунар Солскјаер беше отпуштен во ноември.
Тен Хаг има 52 години, а тимот од Амстердам го презеде во декември 2017. Таму пристигна од вториот тим на Баерн Минхен, каде работеше заедно со Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер Сити.
Ајакс ја освои титулата во Ередивизија во 2019 и 2021 година со Тен Хаг, а моментално е на врвот на табелата со четири бода повеќе од ПСВ Ајндховен.