Најверојатниот иден менаџер на Манчестер Јунајтед – Ерик Тен Хаг, бил брутално искрен со техничкиот директор Дарен Флечер и фудбалскиот директор Џон Муртоу, кои го направиле првото интервју со тренерот на Ајакс.
Според „Сан“, Холанѓанецот ги шокирал и двајцата, искрено изразувајќи го своето мислење за многу работи во клубот за кои смета дека не функционираат како што треба.
Според извори блиски до „Олд Трафорд“, Флечер и Мартоу останале со впечаток дека интервјуираните се тие од самиот Тен Хаг. Неколку дена подоцна, извршниот директор на „Црвените ѓаволи“, Ричард Арнолд одлетал во Холандија на нов состанок со кандидатот бр.1 за оваа функција. Тен Хаг буквално ја „распарчил“ досегашната организација во клубот, а најкритичен бил кон работата на скаутите и трансфер политиката.
Манчестер Јунајтед потроши околу 1 милијарда фунти на играчи во последните девет години откако Сер Алекс се пензионираше, но клубот сè уште е катастрофален според резултатите и достигнувањата.
Неколку дена по овие состаноци, шефовите на Јунајтед се двоумеле дали да продолжат со Тен Хаг, но на крајот дошле до заклучок дека оваа искрена проценка и визијата на Холанѓанецот за клубот е нешто на кое може да се обложат. Дополнително, Тен Хаг јасно стави до знаење дека не ја сака целата моќ што ја посакуваа Луис ван Гал и Жозе Мурињо, на пример.
„Сан“ додава дека интервјуата со другиот кандидат Маурицио Почетино не поминале толку добро. Аргентинецот главно се фокусираше на тоа колку пари ќе му бидат потребни за комплетно да го ремонтира тимот.