Сојузот на средношколци апелира за солидарност со учениците преку брзо склучување на договор меѓу Владата и СОНК

од Берта Китинска
144 прегледи

„Една од клучните заложби на Сојузот на средношколци е борбата за поквалитетно образование. Токму затоа ние бевме единствената организација во државата, која заедно со претставништвото на УНИЦЕФ, се залагавме континуирано за враќање на учениците во клупите било тоа преку комбинирана настава или настава со физичко присуство. Од тие причини, чувствуваме обврска и одговорност да се огласиме по сегашните случувања во образованието,“ велат од Сојузот на средношколци во врска со штрајкот на СОНК и немањето настава.

21 април ќе биде деветиот работен ден од прекинувањето на наставниот процес за огромното мнозинство средношколци во Македонија. Како што потсетуваат тие, ова значи дека учениците веќе имаат пропуштено цели две работни недели од редовниот образовен процес.

„Потсетуваме дека станува збор за генерација која веќе изгуби цела учебна година со неквалитетна онлајн настава, а дополнително пак и други две недели со продолжувањето на зимскиот распуст. Со ваквата поставеност на работите, средношколците веќе три години се вон нормалниот образовен процес.

Уставот е дециден: тој ги гарантира и правото на штрајк и правото на образование. Членот 38 го гарантира правото на штрајк. Во членот 44 се вели: „Секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови”. Меѓутоа, се наоѓаме во ситуација во која остварувањето на едното право го оневзможува остварувањето на другото. На нашата претходна прес-конференција, ние кажавме дека: „Треба да се поттикнува солидарноста меѓу сите учесници во образовниот процес [бидејќи] поквалитетен образовен систем е во интерес на сите”. Најголемата засегната страна во образованието ја трпи најголемата штета со тоа што е лишена од своето право на образование.

Обете страни се одговорни за загубата на наставата во изминативе две недели, односно одговорни да најдат решение во интерес на средношколците. Средношколци, дали некој во земјава воопшто мисли на нас и нашите права и интереси и дали го сослушува нашиот глас? Сојузот на средношколци јавно ги повикува двете страни што побрзо да склучат договор со цел намалување на штетата која единствено ја трпат учениците,“ реагираат од Сојузот на средношколци.

Изминативе две недели покажаа дека образовните власти во многу мал број од училиштата организираа вонредно одржување на наставата со цел продолжување на наставата непречено. Од Сојузот истакнуваат дека ова е особено проблематично за матурантите бидејќи кај многумина од нив има голема шанса да се пробијат државните рокови, кои пак негативно ќе им се одразат на амбициозните матуранти кои сакаат да студираат во странство. На пример, рокот за полагање на проектната задача истекува на 21 април. Затоа потребно е итно решавање на проблемот.

„За крај, Сојузот на средношколци од почетокот на своето постоење се залага образованието да биде посериозно сфатено во рамките на целото општество. Во тој поглед, ние многупати го истакнуваме фактот дека за 30 години се смениле дури 19 министри за образование и наука. Понатаму, наша клучна заложба е зголемување на буџетот за образованието како дел од бруто домашниот производ, т.е. да се одвојуваат 5% од БДП за образование согласно со европскиот просек. Зголемувањето на буџетот треба да оди во насока на подобрување на инфраструктурата, но и во поголема поддршка за кадарот.

Заклучно, го повторуваме нашиот апел за брзо решавање на прашањето меѓу Владата и СОНК преку интензивирање на преговорите за претстојниот период. Бараме Сојузот да биде вклучен во наоѓањето на решенија за надоместување на пропуштениот материјал,“ стои во нивното соопштение.

Слични содржини