Не станува збор за подготвка на нов закон за амнестија, туку за подготовка на нов закон за помилување, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање околу најавата на заменик-министерот за правда Агим Нухиу дека се подготвува ваков закон.
Пендаровски појасни дека по инцијатива на Министерството за правда новиот закон за помилување е во подготовка од пред повеќе месеци.
– Јас имам мои експерти кои учествуваат во работните комсии и колку што знам, тој текст е сега во Владата и би требало да оди кон Собранието, рече Пендаровски.
Образложувајќи ја идејата која сакале да биде постигната, Пендаровски посочи дека со измените, доколку бидат прифатени од Парламентот, претседателот на предлог на Министерството за правда ќе може да помилува само по правосилноста на пресудата.
– Сега претседателот има право на инцијатива на Министерство за правда да помилува човек во која било фаза од постапката, од апсењето и кога ја издржува казната. Јас го поддржувам тој пристап. Идејата беше сега со тие измени ако бидат прифатени од Парламентот, претседателот на предлог на Министерството за правда да може да помилува само по правосилноста на пресудата, информира Пендаровски.