Поранешниот руски претседател, Дмитриј Медведев и актуелниот заменик-претседател на Советот за безбедност на Руската Федерација во саботата на апликацијата Телеграм порача дека Европа, доколку воведе ембарго за увоз на руски гас, нема да издржи ниту седум дена без тој извор на енергија.
– Ја цениме доследноста и принципиелноста на нашите европски партнери. Особено кога ќе ги земеме предвид најновите податоци на Меѓународниот монетарен фонд дека Европа може да издржи не повеќе од шест месеци без руски гас. Но, ако сме искрени, таа тешко може да издржи седум дена – напиша Медведев на Телеграм.
Тој додава и дека Европската комисија дозволила дури и гасот да се плаќа во рубљи, што, како што тврди, докажува дека указот на рускиот претседател Владимир Путин за прашањето на плаќањата во руската национална валута всушност може да се примени и на европскиот бизнис.
Во времето кога стана претседател на Русија, Медведев беше познат како личност со која Западот можеше да оствари квалитетна соработка, но од почетокот на инвазијата на Украина, тој се претвори во еден од главните „јастреби“ на Москва, кој ја предупредува и ѝ се заканува на Европа речиси секој ден.