Поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов информира за случка при упадот во Собранието на 27-ми април пред пет години.
-Ова е за патриотите и уставобранителите. Имаше еден чичко (дедо) кој што во тој упад во Собранието, влегол со чадор. Со чадорот упорно удираше по Дамјан Манчевски, Оливер Спасовски и по мене. По некое време, Дамјан го праша: Чиче, да ти го купам чадоров за 300 денари ? Чичето одговори: мојов е скап, голем е, вреди барем 500. На Дамјан му дадов 1.000 денари. Му ги даде на чичето. Ни го даде чадорот за 1.000 денари и излезе од прес центарот на Собранието, напиша Шилегов на социјалните мрежи.
Тој додава:
-Ах, Македонијо …Те продадоа за 1.000 денари. Како бакшиш на певаљка (па макар и оперска) која денес глуми лудило пред Собрание, потенцира Шилегов.
Крвавите настани на 27 април се случија откако изборите во декември 2016 година не донесоа јасен резултат за формирање влада, па ВМРО-ДПМНЕ освои две пратенички места повеќе од СДСМ. Тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов го додели мандатот за формирање на владата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, но по уставните 20 дена тој не успеа да формира парламентарно мнозинство од 61 пратеник, а Иванов и покрај тврдењата на второпласираниот Заев дека има мнозинство не му го даде мандатот.