Министерството за образование и наука ја поздравува денешната одлука на СОНК за мирување на штрајкот, која пред сé е во интерес на учениците и континуитет на процесот на образование и со која се обезбедува уставно загарантираното право на образование на децата.
-Тргнувајќи од итноста за заштита на јавниот интерес на граѓаните, правото на образование и последиците кои можат да настанат во случај кога овој процес е прекинат, а воедно земајќи ги предвид и барањата на СОНК, Министерството за образование и наука постапи согласно Законот за мирно решавање на работните спорови и во текот на денешниот ден упати барање до Министерството за труд и социјална политика за одредување на помирувач во овој процес. Со оваа одлука, Министерството за образование и наука ја искажува спремноста за продолжување на процесот на преговори со социјалните партнери и изнаоѓање на најдоброто решение за сите во овој случај, велат од МОН.
Според нив, министерството, односно Владата, се и ќе бидат партнери на синдикалните организации, преку обезбедување на социјален дијалог со цел унапредување на работничките права на граѓаните на Република Северна Македонија и во тој процес сме отворени за континуирана соработка и размена на мислења и ставови, чија цел ќе придонесе кон подобри работни услови и мотивирани просветни работници, што ќе влијае и на зголемување на квалитетот на образованието.
Генералниот штрајк на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) се става во мирување, но може повторно да биде активиран, соопшти денеска претседателот на синдикатот Јаким Неделков.
Причина за ваквата одлука на СОНК, како што рече Неделков, е добиеното известување од Министерството за труд и социјална политика за мирно решавање на работните спорови.
„Од денеска генералниот штрајк се става во мирување. Ова е само почитување на законот“, истакна Неделков кој објасни дека според укажувањата од страна на надлежните, станува збор за законска постапка за помирување, предвидена со Зaконот за мирно решавање на работните спорови. Ова значи дека учениците од утре се враќаат во училишните клупи и наставата ќе продолжи.