Што се случува со шеќерот во крвта додека пиеме алкохол?

од Stefanija Kuzmanovska
683 прегледи

Шеќерот во крвта (гликозата) е главен извор на енергија за секое тело, а се црпи од храната и пијалоците. Кога јадете храна или пиете нешто што содржи јаглехидрати и калории, шеќерот во крвта обично се зголемува. Кога пиете алкохол, шеќерот во крвта може да се зголеми или да падне.

Дали шеќерот во крвта ви се зголемува или паѓа зависи од тоа што пиете, колку и како вашето тело реагира на алкохол, пишува „Eat This, Not That“.

Пад на шеќерот во крвта
Некои истражувања покажаа дека возрасните со дијабетес кои консумираат алкохол во умерени количини може да забележат мало подобрување во нивната инсулинска чувствителност. Меѓутоа, во повеќето случаи, прекумерното консумирање алкохол може да предизвика штетен пад на шеќерот во крвта.

Причината лежи во една од примарните задачи на црниот дроб – производство и ослободување на гликоза во крвотокот за да помогне во рамнотежата на шеќерот во крвта.

„Конзумацијата на алкохол го нарушува овој процес и вашиот црн дроб дава предност на преработката на алкохолот наместо ослободувањето на гликоза, што може да доведе до ниско ниво на шеќер во крвта“, објаснува нутриционистот Вандана Шет.

Веројатно во одреден момент сте доживеале како е да имате низок шеќер во крвта. Кога шеќерот во крвта ви е премногу низок, вашите клетки немаат доволно енергија. Луѓето се чувствуваат слаби, гладни, нервозни и понекогаш имаат главоболки.

Нискиот шеќер во крвта може да предизвика ослободување на адреналин, што предизвикува забрзано чукање на срцето, потење, треперење и анксиозност. Ако падот продолжи и црниот дроб не испраќа гликоза во крвотокот за да го снабдува мозокот со енергија, лицето може да стане збунето, поспано, да почне да зборува нејасно, па дури и да има напади. Многу ретко, можна е дури и смрт.

Нагло зголемување на шеќерот во крвта
Конзумирањето алкохол, исто така, може да предизвика нагло зголемување на шеќерот во крвта. Ова често се случува кога пиете слатко вино или пиво бидејќи тоа се пијалоци кои се богати со јаглехидрати. Истиот ефект го имаат и коктелите кои содржат шеќер, сода или овошен сок.

Алкохолните пијалоци ни го отвораат апетитот за чипс, пица и друга храна богата со јаглени хидрати, што може да го направи порастот и падот на гликозата во крвта уште поизразен.

Слични содржини