СДСМ ја одбиви градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска дека не се појавила на седницата на Советот на која требаше да и постават советнички прашања, иако била уредно поканета.
-Ваквиот однос потсетува на односот на ВМРО-ДПМНЕ од режимските времиња и јасно ја потврдува причината, а тоа е неработата на Арсовска. Цели шест месеци од мандатот, Арсовска ги мина во неработење, не реализираше ниту еден проект па оттаму не е изненадување што Арсовска денеска не се појави пред советниците.Половина година Данела Аросвска не реализираше ниту едно ветување дадено пред граѓаните, изјави Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ и коалицијата во Град Скопје.
Според Јанчева, во време на глобална економска криза, наместо да понуди проекти за помош на граѓаните, Арсовска три месеци го барала споменикот на Ќосето кој беше нелегално поставен од режимот на ВМРО-ДПМНЕ.
-Колку Арсовска е способна да менаџира со Градот, најдобро говори фактот што за само шест месеци дури двајца директори на Јавни претпријатија си заминаа од функциите. Граѓаните на дело ја гледаат неспособноста на Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ. Затоа таа денеска не се појави пред советниците, додаде Јанчева.
Арсовска денеска била на судско рочиште против портпаролот на СДСМ и пратеникот Дарко Каевски, кого го тужи за навреда и клевета за неговите наводи изнесени на прес-конференција во изборната кампања дека должи 54 илјади евра за неплатени сметки за струја, долг кој наводно го направила преку нејзини приватни фирми.