Тренерот на Милан, Стефано Пиоли имаше причина за радост по победата над Аталанта од 2-0. Така „росонерите“ направија уште еден чекор кон титулата. Сега им треба победа или реми во последното коло против Сасуоло за да го подигнат Скудетото. Затоа стручњакот сака неговите играчи да ја задржат смиреноста и концентрацијата што ја покажуваат во последно време.
„Најпрво сакам да им честитам на навивачите, бидејќи ова беше нашиот последен домашен натпревар. Тие не инспирираа со нивната страст во текот на целата година. Сега имаме уште една недела и не треба ништо да менуваме, само треба да се задржи таа смиреност и концентрација. Аталанта е силен тим и ни создаваше проблеми, но добро се снајдовме во одбраната и не им дадовме многу можности. Добро се снајдовме и во креирањето на напаѓачките позиции. Сите дуели досега не научија каков треба да биде нашиот став во однос на одлучноста, вербата и храброста. Пресвртите против Лацио и Верона ни дадоа поголема самодоверба и ни одзедоа дел од тензијата. Момците знаат дека имаме силни и слаби страни. Важно е да се стави поголем акцент на силните“, рече Пиоли.
Тренерот досега го нема освоено Скудетото, па сега има шанса за прв пат да го стори тоа, а ова ќе биде прва титула за Милан по повеќе од една деценија чекање.
„Искрено, последните неколку недели беа сосема нормални бидејќи го видов ставот на играчите. Тие се смееја, се забавуваа, изгледаа мотивирано и фокусирани на секој тренинг. Не треба да се грижам кога ќе го видам тој став. Пред натпреварот нè пречекаа 10.000 навивачи, што уште повеќе не инспирираше. Сега очекувам уште една слична недела“, додаде тренерот.
Тој призна и дека ги користел зборовите на легендарниот навивач на Милан, Коби Брајант за да ги инспирира своите играчи.
„Им покажав на играчите интервју со Коби Брајант, кој откако поведе со 2-0 во НБА плејофот, вели дека работата сè уште не е завршена. И нашата уште не е, мора да ја задржиме оваа смиреност и концентрација во решавачкиот меч на крајот. Кога застанав на чело на Милан, тимот имаше сосема поинаква тактичка структура и идеи за играта, па моравме се да промениме. Сега доброто е што играчите се обидуваат да ги подобрат своите сили и тактички да се подготват. Да се прилагодат на слабостите на нашите противници“, додаде Пиоли.