СДСМ: Мицкоски се збуни од историското покачување од 21% на платите на наставниците

од Nikola Popovski
358 прегледи

Владеачката СДСМ смета дека рекордно покачување на платите на просветниот кадар и постигнатиот договор со СОНК, „го збуни Христијан Мицкоски, па тој денеска вели дека сето ова било минимално покачување“.

-Ова е лицемерна изјава на Мицкоски, особено ако се знае дека за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ платите во образованието се заголемија за едвај четири отсто, велат од партијата и појаснуваат дека покачувањето на платите беше договорено со Синдикатот низ социјален дијалог.

Според нив, понижување и навреда се блокадите на ВМРО-ДПМНЕ на законското решение кое обезбедува трајно врбаотување за 4.700 наставници и стручни соработници во основните и средните училишта.

-За разлика од ВМРО-ДПМНЕ која се служеше со притисоци и закани кон наставниците, СДСМ низ дијалог обезбедува повисоки плати и подобри услови за работа на наставниот кадар, потенцираат од владеачката партија.

Претходно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека покачувањето е минимално и не е она кое што го барале синдикатот и просветните работници.

-Можам само да кажам дека следната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе поработи на исполнување на она кое што е дел од Колективниот договор, а не ваков тип на преговори и разговори под притисок и уцени од страна на оваа влада предводена од СДСМ и ДУИ, туку да го испочитува Колективниот договор онаков каков што е усвоен во минатото. И мислам дека та ќе биде еден чекор плус за да имаме мотивиран и образовен кадар во градинките. Тоа е она што јас можам да се обврзам за тоа што ќе направиме во иднина. А што се однесува до овие 15 проценти, тоа не е она кое што го бараа просветните работници, работниците во градинките, но ако синдикатот е задоволен, ако тие се задоволни од ова тогаш јас можам само да ги поддржам како што ги подржував од самиот почеток на овие протест, изјави денеска Мицкоски.