Петровска од САД: Пристигнуваат шест оклопни возила за АРМ

од Nikola Popovski
310 прегледи

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска во Вашингтон се сретна со директорот на Агенцијата за безбедносно – одбранбена соработка на САД, Џејмс Хрш.

Во фокусот на разговорите беа програмите за безбедносна соработка, вклучувајќи ги и воените набавки, военото финансирање, меѓународната воена едукација и хуманитарната помош.

Петровска потенцираше дека модернизацијата на Армијата е главен приоритет на министерството за одбрана, а Агенцијата за безбедносно – одбранбено соработка на САД има важна улога во овој процес.

„Со нетрпение го очекуваме првиот дел од набавката на најсофистицираните оклопни транспортери од американско производство за Армијата на Северна Македонија. Првите шест лесни оклопни транспортери ги очекуваме да пристигнат кон средината на летото и тоа ќе биде сериозен придонес во процесот на модернизација за Армијата и дополнителна потврда на взаемната доверба и соработка меѓу Северна Македонија и САД”, истакна Петровска.

На средбата министерката се заблагодари за континуираната американска поддршка во овој сегмент. Имено, САД од 1996 година до денеска во опрема и модернизација на Армијата на Северна Македонија вложија речиси 150 милиони долари.

Директорот на Агенцијата, Хрш порача дека Северна Македонија е близок сојузник на САД и дека соработката на полето на модернизацијата и развојот на Армијата ќе продолжи да се развива.

Слични содржини