Таравари: ДУИ повеќе е ориентиран кон заштитување на криминалците од своите редови, отколку за добробитта на општеството

од Vladimir Zorba
665 прегледи

Мислам дека ДУИ се повеќе ориентирани кон заштитување на криминалците од своите редови, отколку за добробитта на општеството, вели во разговор за Локално д-р Арбен Таравари, актуелен градоначалник на Гостивар и поранешен генерален секретар на Алијансата за албанците, а по повод претстојниот јубилеј, 20 години постоење, на партијата на Али Ахмети.

На прашање за колку тие придонеле за подобрувањето на етничките односи и за мантрата „едно општество за сите“, поранешниот министер за здравство вели дека „едно општество за сите“ било утопија промовирана од поранешниот премиер Зоран Заев во 2016 година за прибирање на одреден квантум на албански гласови.

– Процесот на едно општество е инвестиција во меѓусебна доверба меѓу сите етникуми кои што живеат во една држава. Добар пример за одлично функционирање на оваа формула покажува нашата општина и мислам дека треба да бидеме пример за целата држава, вели Таравари.

За тоа дека ДУИ и на локално и на државно ниво се обвинуваат за криминал, но не е покренат ниту еден процес за разлика од функционерите од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, градоначалникот смета дека ДУИ е „метастазиран во сите институции“ и е „сериозна закана за нормално функционирање на еден општествен систем“.

Не верува дека Ахмети сериозно мисли на зелената агенда и на премиер Албанец, а најверојатно на следните избори ќе го повтори истото барање, со цел „да се оправда и да креира нов „конфликт“.

ДУИ ќе прослави 20 години од своето постоење. Се поставува прашање, колку партијата, која само краток период беше во опозиција во 2006 година, придонесе за напредокот на земјава?

-Ми се чини дека ДУИ не е политичка партија, туку многу повеќе наликува на акционерско друштво или здружена „банда“. Како прво, победија на првите избори, кога и не беа партија, туку ја искористија еуфоријата по вооружениот конфликт од 2001 година и, како политички преставници на ОНА, влегоа во првите избори. Народот не гласаше за политичката агенда или програма на ДУИ (бидејќи на изборите во 2002 година и немаа платформа или политичка програма), туку гласаше за некој што го овозможи Охридскиот договор, кој што Албанците во Македонија го сметаа за историски меѓу двата главни етникуми во државата.

Но, се поставува прашањето колку е реализиран Рамковниот договор? До каде сме со него? Иницијално замислен да се реализира до крајот на 2006 година, излезе дека сето тоа било само на хартија. Сега сме во 2022 година, а од договорот сè уште ништо посебно.

Од 2008 година, ДУИ влегува во директен политички бизнис, заедно со Груевски и Мијалков. Оттогаш ја менува и целата гарнитура на раководството, се доближува до подземјето или го инсталира. И така веќе сè им е под контрола, онаму каде што не може да победи на избори го користи подземјето, пари, бандитски притисок, со тек на време метастазира низ инситуциите и што ли уште не. И нормално дека сега ќе сме во период кога со тоа е погодено функционирањето на државниот апарат.

Ајде, сега, да поставам јас една дилема и прашање за сите коишто го читаат овој текст. Што е она што, според вас, ја одржува ДУИ во живот и нејзиниот лидер Али Ахмети? Како опстојуваат да бидат во власта? Ги исполнија ли сите аспирации на Албанците во земјава?

Си го поставувам прашањето на коешто сам си дадов одговор погоре, но сакам со граѓаните заедно да дебатираме на оваа тема. За она што не чини во општеството мора да се зборува јасно и гласно. Нема поинаку. А не луѓето да имаат стравопочит, а онаму каде што не поминува почита да сериозен страв. Па, се живее ли така, луѓе мои? Се живее ли под инерција или во „лер“ и да се прифаќа суровата реалност таква каква што е? За трошка интерес да ги гласаат упорно и упорно? А другите да се купуваат на овој или оној начин? Оваа е простата формула на Алија, де јуре политичка партија, де факто организирани криминалци во институциите и подземјето!

Покажа ли чувство за државност партијата на Ахмети во сите овие години на власт? Се чини поделени се мислењата – едни велат играат исклучиво на национална карта, други, пак, дека има и одредени елементи на државност, понекогаш дури и на повисоко ниво од повеќето македонски политички партии?

-Искрено, немам таков впечаток, повеќе мислам дека е ориентиран кон заштитување на криминалците од своите редови, отколку за добробитта на општеството. И постои една огромна мистерија, а тоа е како ДУИ би се однесувала во опозиција?! Од скромното искуство од периодот 2006-2008, не би рекол дека на Ахмети око не му трепнуваше за општото добро на општеството. Можеби ќе се сетите на периодот на кратка опозиција, беше доста малигна, со блокирање на автопатишта, со блокирање на Собрание, со закани за вооружени инциденти итн. И сосема на крај, само Ахмети можеше да биде до Груевски до последниот момент, додека не го побегна во Унгарија.

Колку се подобрени меѓуетничките односи во овој период на нивно владеење, односно од војната во 2001 година? Дали постои фамозното „едно општество за сите“ кое го пропагира оваа Влада?

-За жал, едно општество за сите беше утопија промовирана од Заев во 2016 година за прибирање на одреден квантум на албански гласови. Инаку, мислам дека и Заев, не веруваше во тоа. Процесот на едно општество е инвестиција во меѓусебна доверба меѓу сите етникуми кои што живеат во една држава. Добар пример за одлично функционирање на оваа формула покажува нашата општина и мислам дека треба да бидеме пример за целата држава.

ДУИ и на локално и на државно ниво се обвинуваат за криминал, но не е покренат ниту еден процес за разлика од функционерите од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во изминативе 20 години. Зошто е тоа така, по ваше мислење?

-ДУИ е метастазиран во сите институции, тие веќе имаат свои поранешни финкционери и сегашни потрчковци во инспекторати, полиција, судови, обвинителство, универзитети, училишта, општини, агенции, да не зборувам за министерства. ДУИ е веќе сериозна закана за нормално функционирање на еден општествен систем. Оваа можеби ќе изгледа тенденциозно, но времето ќе покаже колку тежок ќе биде периодот после заминувње на ДУИ во опозиција.

Во последните шест месеци од владеењето на овој кабинет, лидерот Ахмети, веројатно, ќе застане на чело на земјава, според договорот кој е направен пред 2 години. Ќе биде ли „шлаг на тортата“ премиер Албанец за оваа гарнитура на ДУИ, па и за самиот Ахмети?

-Не верувам дека Ахмети сериозно мисли на зелената агенда и на премиерот Албанец, најверојатно овие избори ќе го повтори истото барање, за да се оправда и да креира нов „конфликт“, нормално вербален, дека ете тој се бори за албанската кауза и против дискриминацијата на Албанците. Тоа редовно го правеа и со Груевски од 2008 до 2016, сите избори.

Очекувате ли промена на ДУИ по следните, без разлика какви и да се, предвремени или редовни, парламентарни избори? Потребен ли е нов правец и раководство, барем што се однесува до албанскиот блок во земјава?

-ДУИ е моментално на врвот, а нивниот поглавар ги држи конците, знае за секого каде згрешил и каде се криминализирал. На крај тој сето тоа го спојува со закана кон сите, дека ќе се бара одговорност од секого ако се изгуби. Мислам дека во ДУИ нема критична маса, има еден со „босовска“ улога и потоа се останатите. Арно ама „босот“ е најголемиот срам за нив, за Албанците, па и за општеството. Можеби во 20-ти век Ахмети би бил добар лидер, но за него во 21 век апсолутно нема место. Тотална утка! Точка.

В.З.

Слични содржини