Захарова по затворањето на воздушниот простор за Лавров од С.Македонија, Бугарија и Црна Гора: „Железни завеси“ нема да има

од Stefanija Kuzmanovska
241 прегледи

Земјите што ја опкружуваат Србија го затворија небото за авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и со тоа затворија уште еден канал за комуникација, изјави портпаролката на Министерството Марија Захаров, нагласувајќи дека Москва не е таа што ја прави новата „железна завеса“, туку Европа ја оградува Русија.

Захарова за италијанскиот телевизиски канал „Ла7“ изјави дека земјите што ја опкружуваат Србија го затвориле каналот за комуникација, не дозволувајќи прелетување на авионот на Сергеј Лавров, кој се подготвувал да ја посети Србија.

„Руската делегација требаше да пристигне во Белград на разговори. Земјите членки на Европската унија и НАТО го затворија воздушниот простор, затворија уште еден канал за комуникација“, рече таа, нагласувајќи дека Русија нема намера да ја крева „железната завеса“, туку дека тоа го прави Европската унија, пренесе Спутник.

„Железни завеси нема да има, на крајот на краиштата, од наша страна, не треба да се грижите. ЕУ е таа што ја оградува Русија. Вашите грешки се во тоа што сте премногу егоистични, што мислите дека сте во центарот на светот, дека освен вас нема други народи на светот. Немате морално право некого да учите нешто“, рече Захарова.

Ројтерс во неделата навечер, цитирајќи го Интерфакс, објави дека посетата на Лавров на Србија е откажана откако земјите околу Србија го затвориле својот воздушен простор за неговиот авион.

Извор од руското Министерство за надворешни работи го потврди пишувањето на српските медиуми во кои се наведува дека Северна Македонија, Бугарија, и Црна Гора го затвориле својот воздушен простор и простор за авионот што требаше да го донесе Лавров во Белград.

Слични содржини