Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска во Охрид изјави дека Отворен Балкан е автентична идеја на него и на лидерите на Северна Македонија и Албанија и дека ниту една друга земја не придонела за појавата на таа иницијатива.
Говорејќи на заедничката прес-конференција на крајот од самитот „Отворен Балкан“, Вучиќ рече дека иницијативата била договорена на средба со албанскиот премиер Еди Рама и поранешниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев, отфрлајќи ја можноста Русија дека стои позади неа.
„Кога ја донесовме одлуката за формирање бевме присутни Еди, Зоран и јас. Не се срамам од политиката што Србија ја води, ниту од традиционално добрите односи што ги имаме со Русија, но идејата за Отворен Балкан е идеја на Зоран Заев, Еди Рама и мене. Таа идеја потекнува од тука, никој друг не учествувал“, рече Вучиќ на прашањето дали Русија го спонзорирала „креирањето на иницијативата“.
Вучиќ рече дека идејата за Отворен Балкан е „идејата на луѓе кои сакаат да соработуваат, а не да бараат недостатоци едни во други, идеја на луѓе кои знаат дека иднината е во соработка и заедништво“.