И по последната пресуда во „Талир 2“ исто како и по претходните против функционери од ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски наместо да се извини и да ги осуди незаконските постапки, тој денеска повторно цврсто застана во одбрана на криминалот, обвинија од СДСМ.
Од партијата додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ е потврдена криминална партија и затоа Мицкоски не треба да го навредува народот и да го прави криминален само за да го одбрани криминалот во својата партија.
-Мицкоски е претседател на партија за која што е докажано дека криминално го стекнала своето седиште. Од денеска ниту тој ниту раководството на оваа партија немаат образ да зборуваат за ништо, а најмалку за правда и владеење на правото, реагираат од владеачката партија.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека со денешната пресуда и најавената конфискација на седиштето на партијата, „Обвинителството го суди македонскиот народ“.
-Имотот не е ВМРО-ДПМНЕ, имотот не е ВМРО, народот е ВМРО. Уште една се покажа дека ВМРО-ДПМНЕ е единствената пречка за разнебитување на македонскиот идентитет и македонската држава од овие, би рекол, октроирани партизирани судии и обвинители на СДСМ и ДУИ. Ние ќе продолжиме да ја бараме правдата, ќе се бориме, нема да се повлечеме. Ако некој мисли дека ВМРО-ДПМНЕ оваа пресуда ќе го обесхрабри, се лаже. Ова само дополнително ќе не мотивира да дојдеме до правдата, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.