Пендаровски: Дигитализацијата суштински го промени начинот на кој работиме, размислуваме и ги градиме нашите вредносни системи

од Vladimir Zorba
164 прегледи

Дигиталната трансформација на нашите општества веќе одамна не е само технолошка визија на поединци или предмет на академски и стручни дискусии за иднината, туку е наша реалност. Дигитализацијата не само што ја олесни, забрза и направи широко достапна комуникацијата, туку, многу позначајно, суштински го промени начинот на кој работиме, размислуваме и ги градиме нашите вредносни системи, посочи во своето обраќање Претседателот Стево Пендаровски на отворањето на Европскиот самит за дигитализација на судството, којшто се одржува во Охрид на тема „Придобивките од 4-та индустриска револуција како механизам за враќање на довербата во правосудството”.

„Со години дигитализацијата беше третирана како технолошка играчка релевантна само за оние кои непосредно се занимаваа со информатичката технологија. Директен доказ за ова тврдење е игнорирањето на дигитализацијата од страна на повеќето правни системи, прво, преку непрепознавање на нејзините предности, и, второ, преку непрепознавање на предизвиците па и опасностите што ги носи брзата или неконтролирана дигитализација.

Првите акти на Европската Унија што директно се однесуваа на дигитализацијата беа во областа на заштита на личните податоци, со оглед на тоа што многу брзо стана јасно дека информатичките системи собираат неспоредливо повеќе лични податоци отколку кој било хартиен формулар, а тие, така собрани податоци, можат да се искористат за дозволени цели, но и да бидат злоупотребени. Многу подоцна, кон самиот крај на минатиот век, Европската Унија донесе акти за електронски потпис, со што, за прв пат, дигиталните алатки од средство за комуникација почнаа да се трансформираат во средства кои овозможуваат дејствија, со цел, да се постигне определена правна последица.

И покрај овие значајни поместувања, информатичките системи уште долг период главно служеа како средства за автоматска обработка на податоци и за електронска комуникација. Клучната промена ја донесе големата здравствена криза од 2020-та, низ која се’ уште поминуваме како последица на пандемијата на КОВИД-19. Сите релевантни податоци од последните две години потврдуваат дека пандемијата не беше голем предизвик само за нашите здравствени системи, туку и предизвик за државната управа и за правосудството во целина. Освен брзиот раст на електронската трговија и електронските плаќања и ограничувањето на движењето, забраната за собирање на повеќе луѓе на јавни места и долгите часови на генерална забрана за напуштање на домовите, имаа директен ефект врз функционирање на управата и правосудството. Животот на улиците, плоштадите и во трговските центри запре, но не запреа потребите на граѓаните за услугите што ги дава управата, ниту можеше да запре работата на правосудните органи.

За жал, првата прилика кога електронските документи не беа само дополнување на хартиената верзија на истите тие документи, туку започнаа да бидат признавани како валидни и само во електронска варијанта беше кога за краток временски период надлежните институции требаше да издадат и достават огромен број на решенија за изолација, потврди за прележана болест или за вакцинација, но, и кога беа примани илјадници апликации од граѓани кои ги загубија своите работни места и се пријавуваат за помош, како и стопанските субјекти за мерките за поддршка на нивната економска активност.

Многу поголем проблем беше затворањето на правосудните органи, особено кога стана јасно дека истрагите и рочиштата не може да се одложуваат на долги периоди, а, не беше јасно колку ќе трае кризата. Во таква ситуација се постави прашањето како може да се искористи дигиталната технологија за правосудните органи да продолжат да ја извршуваат својата функција во период на пролонгирана криза со неизвесен крај. Вие најдобро знаете пред каков сложен предизвик се најдовте кога дигиталната технологија требаше за краток временски период, да ги замени судските постапки во живо и да ја овозможи правдата за сите засегнати граѓани, во ситуација, да бидеме искрени, на нецелосно разработени прописи.

Како и секоја криза, така и оваа е шанса за промени на подобро, под услов да сакаме да ги научиме лекциите од изминативе две години. Во оваа смисла сметам дека овој самит е одлична прилика да се разговара за идните чекори во насока на прифаќање на дигиталната транзиција на правосудството, но, како потреба, а не како нужно зло само во време на криза“, истакна тој.