Во собраниската Комисија за финансирање и Буџет денеска треба да продолжи расправата за ребаланс на Буџетот за 2022 година.
Со предлог- ребалансот на буџетот приходите се проектирани на 245,8 милијарди денари и тие се за околу 6,9 милијарди денари повисоки во однос на иницијалните проекции, додека расходите на ниво од 288,5 милијарди денари, или за околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.
Тековните трансфери се планирани на ниво од 189,7 милијарди денари или за околу 19 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2022 година.
Во ребалансот се предвидени 4,7 милијарди денари дополнителна финансиска поддршка за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите во услови на продолжена криза на светскиот пазар на енергенси и примарни производи.
Според министерот за финансии Фатмир Бесими, со предлог-ребалансот на Буџетот треба да се одржи макроекономската стабилност, да се поддржи економијата за враќање во претпандемиското ниво, но и да се одржи социјалната сигурност на граѓаните.
Тој во своето експозе вчера на собраниската Комисија за финансирање и буџет посочи дека цели кои треба да се постигнат со овој документ е таргетирана поддршка за граѓаните и фирмите за надминување на предизвиците кои ги донесоа новите светски кризи.
Собраниската расправа за ребаланс на Буџетот за 2022 година ќе продолжи денеска во 11 часот.