Министерот за економија Крешник Бектеши најави нов Закон за заштита на потрошувачите, кој Владата треба да го усвои во вторник.
Состојбата на терен покажала дека одредени трговци се однесуваат неетички и во услови на глобална криза заработуваат енормни профити, ставајќи високи маржи на основните прехранбени производи.
– Има компании кои заработуваат и по 80 отсто на одредени производи и им се исплатува да платат казна и да продолжат со истата нечесна практика. Сега веќе, со новото решение ќе се соочат и со друг тип на казни, ќе има затворање на компании, јавно ќе ги објавиме компаниите, а ќе има и забрана за вршење дејност, рече Бектеши.
Во услови на пазарна економија владата не смее да се меша во работата на компаниите, но министерот Бектеши очекувал фирмите да се солидаризираат, односно да стават разумни маржи, барем кај дел на основните прехранбени производи. Искуството на терен покажало дека некои трговци си ставиле маржи и до 30, 40, но и 80%. Што, според него е неетички и неморално.
– Очекувавме дека според договорите со стопанските комори компаниите веќе се навикнати на профитни маржи од 4 или 5 отсто. Но, во дел од трошоците – на масло за јадење на пример, 7-8 денари се плаќа за рабат кон супермаркетите. Сега владата ја укина оваа можност и за супермаркетите и за увозниците. Побарав да се прават секојдневни контроли не само на заштитените производи туку и на другите производи. За мене е злоупотреба синџирите на маркети да имаат профит од триесет отсто, оцени министерот Бектеши во гостувањето во „Утрински брифинг“.