Поранешниот турски репрезентативец, Арда Туран одлучи да стави крај на кариерата, објави Фанатик. 35-годишниот играч за врска последен пат играше во својот матичен клуб Галатасарај. Тој доби понуда да заземе позиција во раководството на клубот и се согласи.
Во последната сезона Арда Туран забележа само 12 натпревари и 1 асистенција за турскиот тим. Ова беше негов втор престој во гигантот од Истанбул. Надвор од Турција, играчот од средниот ред имаше силни настапи во Атлетико Мадрид, потоа потпиша со Барселона, но не успеа да се наметне и се пресели во Истанбул Башакшехир.
На клупски план, Арда Туран има 10 трофеи, а со турската репрезентација стигна до бронзените медали на ЕП 2008. За својата земја може да се пофали со вкупно 100 натпревари и 16 гола.