Генчов: Плашејќи се од бугаризација, партиите оставаат простор за регионално зацврстување на оската, Скопје-Тирана-Приштина

од Vladimir Zorba

Францускиот предлог за кревање на ветото од страна на Бугарија за старт на преговорите на С.Македонија со ЕУ предвидува внесување на барањата на земјата во преговарачката рамка како и внесувањето на Бугарите во Уставот, пред да почнат преговорите.

Аналитичарот Александар Генчов за „Локално“ посочува дека во самиот процес на преговори треба многу да внимаваме кога „застануваме контра Бугарија“ за да не влеземе како што вели тој „во тивок процес“ на директна или индиректна албанизација штитејќи се од „бугаризацијата”.

-Бев меѓу првите кои тврдеа дека ние немаме конфликт само со Бугарија туку со општата клима на политиката со ЕУ. Значи протоколот е тој. Влегуваат во преговарачката рамка ставовите на Софија, но криејќи дека се тоа всушност и ставови на ЕУ, вели Генчов, кој е поранешен учесник во безбедносните структури во земјата и еден од основачите на НАТО движењето во Македонија.

Тој е на мислење дека никој не зборува за процес кон ЕУ дека не сме сами, посочувајќи дека во пакетот е и Албанија.

-Никој не ја гледа призмата дека се случува и скриен во сето ова конфликт и меѓу Албанските и Бугарските процеси. Затоа многу тивко нечујно поминува една нова феноменологија кога огромен број Албанци од регионот застануваат во „одбрана“ на условно кажано македонските интереси. Затоа треба многу да внимаваме кога априори застануваме контра Бугарија да не влеземе во тивок процес и на директна или индиректна албанизација штитејќи се од „бугаризацијата“. Ова е комплексен проблем и длабоко сум убеден за жал дека ниту опозицијата ниту позицијата ниту експертската јавност нема сили да оди по европскиот пат и да сфати колку сите реформи што се бараат од нас, за нас се всушност неприфатливи, подвлекува тој.

Генчов смета дека плашејќи се од бугаризација која што, според него, не постои, македонските партии широко на свесно или несвесно ниво, си оставаат простор за „регионално зацврстување на оската, Скопје, Тирана, Приштина“.

-Со секое „јакнење“ на македонизмот плукајќи по Грција и Бугарија свесно или несвесно влегуваме во нов регионален триаголник кој што со влошени односи со Бугарија и Грција е единствен реален, а тоа е оската Тирана, Приштина, Скопје. Впрочем и тоа е логично и не е нешто неочекувано, бидејќи овие три земји ја имаат спецификата да се членки на НАТО а не и на ЕУ, за разлика од Бугарија и Грција кои се членки и на НАТО и на ЕУ како и Србија која пак не е членка ниту на едната (НАТО) асоцијација ниту на другата (ЕУ), објаснува аналитичарот.

Како заклучок вели дека македонскиот јавен дискурс не е подготвен во суштина да оди по Европскиот пат, бидејќи, како што вели тој, во суштина „за нас и нашите политички елити е премногу болен“.

-За ВМРО ДПМНЕ јавно, за СДСМ тајно, но и двете во суштина не можат и не сакаат да го сфатат и сварат супстратот што значи одење по европскиот пат од идентитетски аспект. Сметам дека предлогот ќе остане заглавен во било кој лавиринт, дали во нашиот, а дали бириселскиот….За жал овој мој песимистички став го делам подолг период чекајќи реалноста да ме демантира, но за жал или за среќа тоа не се случува, подвелкува тој.

Б.М.

Слични содржини