Демократската унија за интеграција (ДУИ) најостро го осудува денешниот инцидент на седницата на Комисијата за европски прашања.
Според владеачката партија, „денешното насилство во Собранието било извршено од пратениците на ВМРО ДПМНЕ заедно со пратениците на Алијансата за Албанците“.
-Секогаш кога тема на расправа и на дневен ред во Собранието е воспоставувањето правда во државата, ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците провоцираат вербално и физичко насилство со цел да го заштитат криминалот и секогаш се појавуваат против правилното функционирање на правосудниот систем. Денеска на седницата на Комисијата за европски прашања уште еднаш се докажа дека ВМРО -ДПМНЕ и другите опозициски партии со насилство ја блокираа работата на Комисијата и токму пратениците кои се под истрага, поттикнаа инцидент и ја прекинаа седницата, велат од ДУИ.
Партијата со седиште во Мала Речица ги информира граѓаните и пошироката јавност дека Собранието ќе продолжи да функционира во прозападно-американски дух и ќе ја поддржи реформската агенда во партнерство со САД и ЕУ.
Вечерва за влакно беше избегната посериозна тепачка меѓу пратениците. Претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми почна да фрла со шолја и тацна кон пратениците од опозицијата, откако во еден момент пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски и Дафина Стојаноска, почнаа да му го корнат микрофонот.