Турција ќе побара од Шведска и Финска да екстрадираат 33 членови на движењето ПКК и Фето, кои ги смета за терористи, најави министерот за правда Бекир Боздаг.
Барањето доаѓа еден ден по потпишувањето на меморандумот меѓу трите земји што го отвора патот на Хелсинки и Стокхолм кон членство во НАТО, на што Анкара досега се спротивставуваше.
„Како дел од новиот договор, ќе побараме од Финска да екстрадира шест членови на ПКК и шест членови на Фето, а од Шведска да екстрадира десет членови на Фето и единаесет членови на ПКК“, рече министерот, а пренесуваат турските медиуми.
Работничката партија на Курдистан (ПКК) е прогласена за терористичка организација во Турција, Европската унија и САД.
Фето е движењето на проповедникот Фетула Ѓулен, поранешен сојузник, а денес противник на претседателот Реџеп Тајип Ердоган кого го обвинува за обидот за воен удар во јули 2016 година.
„Го добив тоа што го сакав“
Во вторникот, пред отворањето на самитот на НАТО во Мадрид, Ердоган на неколку часа се сретна со финскиот колега Саули Ниинисто и шведската премиерка Магдалена Андерсон.
Турција го блокираше влезот на двете земји во НАТО, обвинувајќи ги за засолниште на милитантите на двете движења. На крајот на средбата во Мадрид беше презентиран меморандум на трите земји со кој се отвора пат за проширување на Алијансата.
„Турција го доби тоа што го сакаше“, соопшти кабинетот на турскиот претседател, мислејќи на „целосната соработка“ на државите во борбата против тероризмот.