Кога Мицкоски ќе каже „реално“ тоа е како да им кажал на граѓаните само дека реално ги лаже. Толку вреди зборот на Мицкоски. Не е првпат Мицкоски да шири невистини околу цената на електричната енергија. Паметат граѓаните дека тој и ВМРО-ДПМНЕ кон крајот на минатата година лажеа дека струјата ќе поскапела 40, 50 отсто за на крајот да излезе дека таа не поскапе повеќе од 10 отсто во период кога на светските берзи цената на струјата растеше и двојно и тројно, соопштија вечерва од владеачката СДСМ.
Според партијата, вистината е сосема поинаква, а одлуката за корекција на цената ја носи независно регулаторно тело.
-Со оваа одлука за 98.8 отсто од семејствата цената на струјата ќе се покачи за просечно 7,4 отсто, што е далеку помалку од лагите на Мицкоски. Владата предводена од СДСМ ја субвенционира цената на струјата за крајните потрошувачи за 80 отсто и тоа ќе продолжи да го прави и во иднина, истакнаа од СДСМ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска истакна дека е спремен да дебатира во однос на поскапувањето, кое тврди дека ќе биде меѓу 17 и 18 проценти.
-Не се говори вистината. Цената на струјата на домаќинствата се формира преку три основи. Кога сето ќе се собере или подели, ќе се добие покачување од 17,7%. Да не зборуваме повеќе за екологија и чист воздух, затоа што граѓаните ќе горат се живо и диво за да се стоплат, поради високите сметки што ќе ги имаат оваа зима. Ако ги разгледате анкетите, екологијата и чистиот воздух се топ 3 приоритети на граѓаните, рече Мицкоски.