МВР целосно ги демантира тврдењата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека полицијата не била присутна и не реагирала при инцидентот кај споменикот Скендербег.
-Полицијата беше на лице место, во истиот момент реагираше и го спречи насилството, а едно лице веднаш беше приведено кое е осомничено за пукање од огнено оружје. За време на протестите полицијата е целосно на ниво на задачата и апелираме партиите да престанат да со дезинформации. Во видеото во прилог точно се гледа колку брзо повеќе од десет припадници на полицијата реагираат и спречуваат поголем инцидент, велат од полицијата.
Мицкоски ја обвини власта дека се обиделе да го убијат на демонстрациите против францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија.
„Подолго време добивам неформални информации за мојата елиминација нарачана од владата. Вечерва видовме најмалку две лица со огнено оружје подготвени токму тоа да го направат. Немаше полиција и мистериозно се појави помала група од десет лица кои беа вооружени со огнено оружје“, рече синоќа Мицкоски на вонредна прес-конференција.
„И не обидувајте се да кажете дека овие (вооружени) луѓе се членови на една или друга политичка опција. Тие имаат една страна, а тоа е страната на криминалот и имаат блиски врски со владата за која одработуваат“, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.