Спасовски апелира за мирни протести: Да повредиш полицаец, значи да кренеш рака врз државата

од Nikola Popovski
127 прегледи

Пред вечерашниот нов протест против францускиот предлог, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски уште еднаш упати силен апел до граѓаните и политичките партии коишто сакаат да го искажат своето право на протест, истото да го сторат на начин преку кој ќе демонстрираат демократски капацитет, со должно почитување на законските одредби за јавни собири, како и почит кон должноста на полициските службеници во обезбедувањето на мирот и стабилноста.

-Сакам да бидете уверени дека никој нема намера да спречи право на мирен протест, тоа е она што се очекува во една демократија. Нападите коишто имаат за цел да предизвикаат меѓуетнички препукувања и ескалации од друг тип, на никој начин не можат да придонесат во демократско општество, туку напротив, претставуваат сериозен удар за демократијата и со тоа нема ништо да се постигне. Тоа е, едноставно, спротивно на сѐ она за коешто се залагаме во градењето на нашата држава. Република Северна Македонија е земја на секој еден граѓанин, втемелена на нашиот концепт „Едно општество за сите”, од кој не отстапуваме, туку ќе продолжиме да го промовираме и афирмираме, напиша Спасовски во својата објава.

Министерот очекува сите политички партии да бидат на ниво на својата одговорност и да повикаат на мирни протести.

-Заеднички да го сочуваме достоинството на нацијата, а притоа да се спречат немири кои би значеле нови поделби на штета на граѓаните и државата.  На крајот би сакал да потенцирам – да повредиш полицаец, значи да кренеш рака врз државата, врз синот и братот кои извршуваат службени дејствија со цел гарантирање на сигурноста и безбедноста на сите, стои во објавата на првиот човек на македонската полиција.