Велшката фудбалска ѕвезда Герет Бејл изјави дека се чувствува како „дома“ во Лос Анџелес откако вчера вечер беше официјално претставен пред навивачите на ФК Лос Анџелес. Поранешниот играч на Тотенхем и Реал Мадрид излезе на теренот пред почетокот на дербито со Л.А. Галакси, кое навивачите на шега го нарекуваат „Ел Трафико“ поради големиот сообраќаен метеж во најголемиот град во Калифорнија.
„Каков неверојатен пречек кога стапнав на теренот. Веднаш се почувствував како дома“, изјави 32-годишниот играч за ESPN. „Најдобрата подготовка се натпреварите. Сакам да играм и да оставам свој белег овде на најдобар можен начин и да му помогнам на ФКЛА да освои трофеј. Американската лига станува сè попопуларна и тоа е многу атрактивен клуб“, прокоментира за неговиот избор за нов тим Бејл.
На теренот, ФКЛА, кои го предводат поредокот во Западната конференција во МЛС, го победија градскиот ривал со 3:2.
Капитенот на Велс потпиша 12-месечен договор со ФК Лос Анџелес, кој вклучува опција за уште една година. Офанзивниот играч за врска, петкратен освојувач на Лигата на шампионите, помина девет години во Реал Мадрид. Бејл има 105 настапи за Велс од 2006 година, постигнувајќи 28 гола и 22 асистенции. Тој ги инспирираше „змејовите“ да стигнат до Светското првенство во Катар на крајот на годината – нивниот прв настап на глобалниот собир по 64 години.
Фудбалерот роден во Кардиф го направи своето професионално деби на 16-годишна возраст во 2006 година за Саутемптон во Чемпионшип пред да му се приклучи на Тотенхем во Премиер лигата една година подоцна, постигнувајќи 42 гола на 146 натпревари до 2013 година кога се пресели во Реал Мадрид. За гигантот од Мадрид, Бејл постигна 106 гола и асистираше на уште 67 во 258 настапи, освојувајќи вкупно 19 трофеи со кралскиот клуб.