Новото засилување на Арсенал, Габриел Жесус изјави дека не пристигнал во клубот за да биде ѕвезда на тимот. Бразилецот имаше одлично деби за лондончани откако постигна два гола во првиот натпревар од победата на „топџиите“ од 5-3 против Нирнберг.
„Не сакам да бидам суперѕвезда. Сакам само да играм фудбал, да излезам на теренот и да им помагам на соиграчите. Мораме да ги правиме работите заедно. Сè – надвор од теренот и на теренот. Не сум тука за да бидам ѕвезда. Тука сум да помогнам, да учам заедно со овие момци и да победуваме заедно“, изјави Жесус по првиот меч со тимот на Арсенал.
Менаџерот на „топџиите“ Микел Артета објави дека изборот во клубот не е завршен. Арсенал летово ги ангажираше Жесус, играчот од средниот ред Фабио Виера, младиот напаѓач Маркињос и голманот Мет Тарнер.
„Има повеќе работи што би сакале да ги направиме доколку можеме. Пазарот ќе утврди дали тоа е можно. Засега сме задоволни со она што го имаме. Можеме уште повеќе да го подобриме тимот и ќе се обидеме да го направиме тоа“, изјави Артета.