Пендаровски на отворањето на „Охридско лето“: Од уметност на живеење денес дојдовме до уметност на преживување (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
174 прегледи

Сведочиме дека во епохата на информациско-технолошки и научен развој, без преседан, наместо луѓето да бидат посигурни и посреќни, живеењето на многу места во светот се претвора во борба за власт, доминација над другите и во опседнатост со материјалното. Сведоци сме на воени конфликти, глобални здравствени закани, непочитување на човековите права и слободи, понижување на достоинството, тектонско изместување на вредностите и губење на моралниот компас. Најтрагично е што стануваме имуни на туѓото страдање и на туѓата болка, а сочувството и солидарноста исчезнуваат од нашите животи како реликти на некое минато време. Од уметност на живеење денес дојдовме до уметност на преживување, посочи претседателот на С.Македонија, Стево Пендаровски на отворањето на овогодинешното издание на „Охридско лето“.

„Прашање е како воопшто човековата цивилизација се најде во ваква безизлезност и покрај сите мрачни историски лекции и преживеани катастрофи. Меѓутоа, далеку поважно е прашањето и одговорот на него: Што е она што повторно може да го хармонизира и облагороди животот, да го врати значењето на етиката, да ја актуализира хуманоста? Одговорот го знаат сите оние коишто барем еднаш биле дел од оваа манифестација, од оваа или од другата страна на сцената. Кој друг ако не уметниците и што друго ако не креативното, духовното и убавото. Или, како што вели Андре Бретон, „поетската или уметничката прегратка, како и телесната, додека трае, попречува секаков поглед врз бедата на светот”.

Затоа, да бидеме постојано со уметноста, се разбира, не како бегство од животот, туку, напротив, како моќна алатка којашто ќе нѝ ја овозможи уметноста на живеењето“, додаде тој.