ДУИ го осуди денешното обраќање на пратеничката на ВМРО ДПМНЕ, Олга Лозановска на седницата во Собранието на која се расправа за францускиот предлог. Taa во својот скандалозен говор во Собранието ја спореди Европската унија со нацистичкиот режим, по посетата која ја реализираше претседателката на Европската комисија, г-ѓа Урсула Фон Дер Лајен во нашата земја.
-Употребата на една таква апсурдна реторика, инспирирана од деструктивната антизападна и проруска идеологија е неприфатлива и за неа нема место во нашето демократско општество. Апелираме до сите пратеници за зрелост, разумност, почитување на етичкиот кодекс на говор во домот на демократијата и пред се за почит кон поддршката што земјите на Европската Унија секогаш ја давале за демократскиот развој на нашата земја, велат од партијата.
Од таму бараат пратеничката Лозановска јавно да се извини, а ВМРО ДПМНЕ да се огради од говорот на пратеничката барајќи одговорност за зборовите кои што денес таа ги употреби.
-Ќе ви прочитам еден твит – на денешен ден 1933 година, нацистите донеле закон за задолжителна стерилизација на лицата со наследни болести. Денес, односно вчера, 2022 година, ни дојдоа дома, во парламентот, да нè стерилизираат нас Македонците, рече Лозаноска.
И СДСМ го осуди ваквиот речник.
-Забеганоста, стравот и примитивизмот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ги минува сите можни граници. Денеска, од собраниска говорница ВМРО-ДПМНЕ ја нарече претседателката на Европската комисија Урсула фор дер Лајен нацист. Скандалозно, за ВМРО ДПМНЕ Фон дер Лејен е Нацист!, соопштија од СДСМ.